Во рамките на фестивалот „Охридско лето“, вечерва од 21 часот на Античкиот театар во Охрид, за прв пат пред македонската публика ќе настапи Максим Мрвица, најпродаваниот кросовер пијанист во светот.
На 11-годишна возраст го одржал својот прв концерт како солист со оркестар, а за време на војната во Хрватска успева дури и да ја освои првата награда на државното натпреварување во Загреб. Потоа стекнал одлична пијанистичка школа на Музичката академија во главниот хрватски град, на конзерваториумот „Франц Лист“ (“Ferenc Lizst“) во Будимпешта, Националната школа за музика (“Ecole National des Musique“) и конзерваториумот „Александер Скриабин“ (“Alexander Scriabin“) во Париз.
Денес Максим Мрвица е еден од најпознатите светски пијанисти и најпродаваниот кросовер-пијанист во светот, кој зад себе има 10 студиски изданија, милионски тиражи во повеќе од 57 држави и бројни меѓународни награди и признанија.
Својот прв албум „Гесте“ го објави во 1999 година, а неговото следно издание, албумот „Д пијано плејр“ („The Piano Player“), во 2003 година беше објавено за славната издавачка куќа „ЕМИ Класикс“ (EMI Classics).
Во 2010 година, Максим беше поканет од Шопеновото друштво од Варшава да настапи на концертот во чест на 200-годишнината од раѓањето на композиторот. Сингловите и спотовите на Максим Мрвица звучеа на Олимписките игри во Грција и во Кина. Комплетноста на неговата сценска појава се согледува и во неговиот посебен моден стил, резултирајќи со соработка со неколку водечки модни куќи како „Долче и Габана“ во Токио и „Кристијан Диор“ во Париз.
OhridNews