Македонија има напредок во имплементацијата на Болоњската декларација и Европскиот кредит трансфер систем, но за целосна и непречена примена потребно е да се заокружи законската регулатива. Ова беше речено на Семинарот за примена на Болоњската декларација и Европскиот кредит трансфер Систем, насловен како „Болоња и Универзитетот“ што денеска започна во Охрид.
Целта на семинарот е да се обучи наставниот кадар од Државниот универзитет во Тетово каде Европскиот трансфер систем сега се применува делумно. Според ректорот на Тетовскиот универзитет, Сади Беџети, се очекува многу скоро Европскиот трансфер систем да профункционира на сите наставни програми, со што, како што рече, ќе се овозможи непречен трансфер на студентите на другите факултети.
Проректорот за настава на Универзитетот Свети Кирил и Методиј, професор д-р Зоран Велковски истакна дека Македонија од Европската комисија за образование добила оценка 3,6 за примената на Болоњската декларација, што е добра оценка. Тој рече единствениот недостаток во примената на Евроспкиот трансфер систем всушност е тоа што не е комплетирана законската регулатива што треба да ја уредува оваа област. Велковски рече дека тој процес е во тек и дека по донесувањето на соодветните закони очекува Македонија да ја поправи својата оценка.
На тридневниот семинар во Охрид професори од скопскиот Универзитет ќе ги запознаваат своите тетовски колеги со примената на Европскиот трансфер систем. Семинарот се одржува во ново отворениот Универзитетски центар во Охрид.
Г. Момироски