Се унапредува третманот на мозочен удар во Охрид. Во оваа насока тим на доктори и медицински сестри од ЈЗУ Специјализирана болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ и Општата болница беа на обуки во Каунас, Литванија.
Обуката беше спроведена со цел да се имплементира стратегија и систем, за првпат во нашиот град, за третман на исхемичен мозочен удар со реканализациона терапија под надзор и менторство од врвни експерти, посочуваат од болницата „Св. Еразмо“.
Тимот беше составен од д-р Маја Божиноска-Смическа, специјалист невролог од болницата „Св. Еразмо“, д-р Тони Чифлигароски, специјалист радиолог, и медицинските сестри Светлана Коческа и Ана Крстеска од Општата болница Охрид.
Од минатата година, се прават обиди Центарот за мозочен удар при Општата болница Охрид да започне со работа во полн капацитет, со цел да обезбеди оптимален и современ третман за пациентите од нашиот регион. Со ваквите активности, Охрид се движи кон модернизација на здравствениот систем и унапредување на грижата за најтешките медицински состојби, потенцираат од Болницата.
OhridNews