Подобар противник од вечерашниот Македонија и не можеше да посака пред клучните квалификациски натпревари за пласман на мундијалот во Ј. Африка, оваа есен против Шкотска и Норвешка. Полека во втор план се ставени сите инциденти и непријатности кои му претходеа на големиот меч, кои прописно не изрезилија. Но тоа ќе биде тема за анализа наредниве денови.
Атмосферата во националниот тим е поправена, а расте тензијата кај навивачите кои до врв ќе го наполнат стадионот во Скопје каде вечерва свечено ќе биде пуштена во употреба новата северна трибина. Се очекува околу 25.000 гледачи да го проследат натпреварот. Тие ќе уживаат во мајсториите на Торес, Вилја, Чави, Пандев, Гроздановски, а ќе му оддадат и почит на големиот Артим Шаќири кој симболично ќе се прости од репрезентацијата.