Полицијата во Лос Анџелес го уапсила кинезот Јупенг Денг бидејќи регрутирал кинески имигранти во својата измислена воена единица. Денг е осомничен дека во периодот од 2008 година регрутирал повеќе од стотина „војници“ во својата специјална воена резервна единица при американската армија. Верувајќи дека стануваат членови на регуларната војска, имигрантите за влез му плаќале помеѓу 300 и 500 долари, како и 100 долари месечно за членарина.
Своите „војници“ ги рангирал според висината на донациите кои му ги давале. Им обезбедил униформи и лажни воени легитимации и им организрал вежби и обука. Им ветувал брзо добивање на американско државјанство, а целата работа ја водел од својата канцеларија која ја украсил со лажни воени симболи. Самопрогласениот офицер бил уапсен и бил задржан во притвор. Оптужен бил за 13 точки меѓу кои изнудување пари, работа и имот, како и издавање лажни документи.