Човек од местото Удевал на западот од Шведска многу мрази вампири. Ги мрази до таа мера што направил самострел и го поставил да стои вперен во влезната врата на неговиот дом. Тој факт бил откриен и од полицијата, откако дошле по него и по неговото оружје, поради нелегално поседување. Во станот пронашле и уште еден, купен самострел. Неименуваниот швеѓанин е активен и на Фејсбук, а статусите му се во склад со однесувањето. Во еден од статусите пишува: “Денес одам надвор и ќе убијам вампири“.
На сослушувањето кај истражниот судија, човекот признал дека е сопственик на двата самострели и дека ги чува дома бидејќи се чувствува загрозено. Го признал и казненето дело нелегално поседување оружје, доколку шведскиот закон налага дека поседувањето самострел е казниво дело. Но, истакнал дека доколку не постои законска одредба против тоа, ќе побара самострелите да му бидат вратени. Полицијата ја тестирала неговата рачна изработка и стрелата исфрлена од тој самострел, после 22 метри лет, цврсто се забила во ѕид.