Во текот на изминатата 2014 година по основ на данок на имот, охридската локална самоуправа успеала да инкасира над 1 милион евра или точно 66.166.823 денари. Од нив 39.339.710 денари биле прибрани од физички лица, а 26.827.113 денари биле наплатени од правни лица, кои имаат имот на подрачјето на Охрид.
Од Одделението за даноци при општина Охрид велат дека се задоволни од наплатата на данокот на имот и очекуваат истата континуирано да се зголемува во наредниот период.
-Заклучно со 22-ри мај 2015 година по основ на данок на имот се остварени 10.709.039 денари повеќе приходи од истиот период минатата година. До крајот на годината се очекуваат најмалку за 10 милиони денари повеќе остварени приходи по основ на данок на имот, велат одговорните во Одделението за даноци.
Тие потенцираат дека бројот на сопственици на станови, куќи, деловни простории и земјиште во Охридскиот регион кои не ги подмируваат обврските за данок на имот, од година во година се повеќе се намалува.
Со цел да се утврди дали на подрачјето на Охрид има неевидентиран односно непријавен недвижен имот, во текот на месец октомври минатата година започната постапка за вреднување и ревреднување на недвижниот.
-Рзвредувањето на имотот целосно заврши на улиците АСНОМ, Никола Карев, Галичица, Ванчо Питошески, Карпош Војвода, Сирма Војвода, 8-ми Септември, Лазо Трпоски, Мирче Ацев, Билјанини Извори, на улицата Јане Сандански од потегот на булевар Туристичка до кружниот тек и во село Косел, а се уште е во тек развреднувањето на имотот на улиците Даме Груев, Караорман и Момчило Јорданоски, информираат од Одделението за даноци.
Оттаму објаснуваат дека од досега обработените податоци околу 3 до 4 % од сопствениците на недвижен имот на територијата на Општина Охрид не го пријавиле својот имот, а дел го имале пријавено имотот по несоодветна квадратура или без дворните места.
Инаку општина Охрид веќе подготвила 27.000 решенија за данок на имот за 2015 година, чија постапка за доставување е се уште во тек.
Е.М