Трендот на зголемување на бројката на кариоваскуларни заболувања постоеше години наназад и тој тренд оди по нагорна линија последниве две години после Ковид пандемијата, но дали Ковид периодот влијаеше на пораст на бројката на кардиоваскуларни заболувањатреба сепак да кажат епидемиолизите, вели во новото издание на “Напладне” директорката на Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Св.Стефан“, д-р Елена Ковачевска Башуроска.

Како ризик фактори за кардиоваскуларните заболувања би ги набројале неправилната и неконтролирана исхрана, дебелината, покачените вредности на холестеролот, физичка неактивност, хипертензијата, диабет, пушењето, алкохолот… Овие заболувања најчести се кај возрасната група од 60 до 75 години иако има тенденција на намалување на возрасната граница кај пациентите. Последнава година, според нашите анализи, под 60 годишна возраст се некаде 30% со акутен миокарден инфаркт, а 10% се пациенти под 50 годишна возраст што воопшто не е малку, вели Ковачевска Башуроска.

Советува дека првично треба да се посети матичниот лекар ако се јават симптоми како замор, градна болка, препотување, срцебиење…кој е должен да направи првични испитувања и ги пресмета ризиците за кардиоваскуларни болести и да го упати на повисоко ниво во здравствените установи.

Кардиолошкиот центар во Охрид е регионален центар, а во туристичкиот период двојно е зголемен обемот на работа, бидејќи се опслужуваат и граѓаните кои се во Охрид на привремен престој.

Во делот на интервентната кардиологија што се однесува на дијагностички и интервентни процедури некаде над 2000 пацинети опслужуваме, во делот на интензивното лекување над 2500 пациенти, во амбулантно-поликлиничкиот дел, 18 илјади само специјалистички прегледи во текот на годината и плус дополнително уште толку дијагностички процедури, потенцира директорката Ковачевска Башуроска.

Во Кардиолошкиот центар се изведуваат бројни комплексни процедури, а се развиваа и во делот на периферната ангиографија.

Едни сме од пионерите во јавното здравство кои работиме во решавање на хронична венска инсуфиенција со термичка и нетермичка метода и истовреме сме едукативен центар за истата метода и секако електростимулацијата која последниве години значајно се разви и веќе самостојно работиме во тој дел. Подготвени сме и за нови процедури. Најавивме на 40-годишниот јубилеј дека нашиот понатамошен ангажман ќе биде во интервенции за ендоваскуларен третман на акутен мозочен удар и транскатетер имплантација на аортна валвула. За ова ќе се залагаме и потребна ни е секако и поддршка од Министерството за здравство и Фондот за здравство, додава.

Потенцира дека преку грантовиот проект на Швајцарската амбасада за рамномерен регионален развој на Југозападнот регион заедно со Министерството на локалната самоуправа ќе се овозможи енергетска ефикасност на објектот односно реконструкција на фасада и кровот, дигитализација на процесот на работата на болницата и медицинска опрема односно ехо апарат.

Очекуваме што поскоро можеби наредниот месец да почнат работните активности во склоп на овој проект. Со ова ќе се подобрат и условите во објектот за кардио рехабилитација и можноста дванаесет месеци во годината со полн капацитет да работиме во интерес на нашите пациенти, додава Ковачевска Башуроска.

OhridNews