Напаѓачите кои во јули изведоа терористички напади во Германија непосредно пред тие напади преку интернет примале упатства од припадниците на радикалната сунистска организација Исламска држава од кои некои се наоѓале и во Саудиска Арабија, пишуваат германските медиуми повикувајќи се на извори во Сојузното биро за борба против криминалитетот.

Двајцата напаѓачи, 17-годишен бегалец од Авганистан кој на 18-ти јули во локален воз во Баварија со нож и секира тешко повреди пет патници, а потоа беше убиен од полицијата, како и 27-годишниот сириски бегалец кој се разнесе со бомба обидувајќи се да влезе на музички фестивал на кој имаше 2.500 луѓе, исто така, во Баварија, кусо пред нападите примиле преку интернет комуникација преку сервисот „чат“, упатства од лица од Блискиот исток, во прв ред од Саудиска Арабија.

На напаѓачот, непознато лице за коешто се претпоставува дека е припадник на Исламската држава, му препорачало да изведе напад со автомобил, односно да се залета со возило во маса луѓе, на што младиот бегалец одговорил дека не знае да управува со автомобил, па затоа се решил за напад со нож и секира врз патници во воз.

Сириецот, 27-годишен, кој ден потоа се разнесе на влезот од еден концерт во градот Анбах и притоа повреди 15 лица, исто така, примал упатства преку веб чат.
Според таа комуникација, напаѓачот експлозивната направа требало да ја остави во публиката на концертот, а тој самиот за пропагандни цели на Исламската држава требало да го снима тој напад, Според овие сознанија, бомбата во ранецот на сирискиот напаѓач експлодирала случајно.

Сириецот, кој минатата година како бегалец пристигнал во Германија, и кому му било одбиено барањето за азил, очигледно планирал нови напади, бидејќи при претресот на неговиот стан се пронајдени делови од уште една експлозивна направа.

Саудиска Арабија на германските институции им понудила помош при откривањето на лицата кои од оваа земја комуницирале со напаѓачите во Германија., „Ќе сториме сé за да ја расветлиме заднината на овие случаи“, им порачала саудиската влада на германските власти. Факт е дека двајцата напаѓачи во Германија дошле како бегалци, и што и двајцата биле претходно регистрирани во една од земјите на Европската унија, во Унгарија и во Бугарија, па според тоа воопшто не смееле да престојуваат во Германија, дополнително ја заостри дискусијата околу бегалците.

OhridNews

извор Макфакс