На 1 март околу пладне, сопственикот на градежната фирма „Карадак“ – Ристе Карадакоски запрашан за коментар за кривичната пријава за неплатен данок од 600.000 евра поднесена од регионалната дирекција на управата за јавни приходи од Битола, ја зел копијата што му била предочена за да го каже неговиот став, ја искинал и на Илиевски му рекол дека „ќе му ја пикне во валканата уста“ и дека „тој е закон во Охрид“.
Случајот е пријавен во охридската полиција, а охридската новинарска фела од МВР бара сторителот под итно да ги врати остатоците од искинатата пријава бидејќи се работи за доказ. Еснафот смета дека МВР конечно треба да ги дисциплинира криминалците и да ја почитува тешката истражувачка работа на новинарите.
Ристе Карадакоски во изјава за телевизијата „Канал 5“ демантираше дека му се заканувал на новинарот Симон Илиевски и дека му одзел било каков документ. Сепак, нападот врз новинарот Симон Илиевски е пријавен и регистриран во охридската полиција од која јавноста со право очекува да го расветли случајот, кој како што можеше да се чуе од гласните коментари на граѓаните, всушност е напад врз слободата на информирањето.
Нападот врз новинарот на Радио Охрид, Канал 5 и Утрински весник, Симон Илиевски го осудува и градоначалникот на Охрид, Александар Петрески.
„Новинарите и новинарството воопшто не заслужуваат да се соочуваат во своето работење со напади или закани без оглед од кого тие доаѓаат и се упатени. Новинарството во Охрид има долга традиција токму заради негувањето на истражувачкото новинарство и определбата на новинарите да ги прашаат односно да го пренесат ставот на сите инволвирани страни во било кој настан. Затоа сметам дека она што го доживеа денеска новинарот Симон Илиевски заслужува секаква осуда. Се надевам дека вакви напади врз новинарите нема да се повторуваат бидејќи тие се должни да ја информираат јавноста објективно“, истакнува градоначалникот Петрески.