Великиот и славен Крстител Јован бил убиен по желба и наговор на злобната Иродијада, жената на царот Ирод. Откако му ја отсекле главата, Иродијада наредила да не му ја погребуваат заедно со телото, зашто се плашела дека страшниот Пророк би можел некако да воскресне. Затоа ја зела неговата глава и ја закопала на едно скриено и бесчесно место длабоко во земјата.
Нејзината дворјанка Јоана, жената на Хуза, не можела да трпи главата на Божјиот човек да остане на бесчесно место, па тајно ја откопала, ја однела во Ерусалим и ја закопала на Елеонската Гора. Не знаејќи за тоа, кога царот Ирод дознал дека Исус врши големи чуда, се уплашил и рекол: „Тоа е Јован кого што јас го убив, стана од мртвите“ (Марко 6, 16). По извесно време еден угледен богаташ кој поверувал во Христа, ја оставил својата висока позиција и суетата на светот и се замонашил, па како монах со името Инокентиј се населил на Елеонската Гора токму на она место каде што била закопана главата на Свети Јован Крстител. Сакајќи да си ѕида келија копал длабоко и пронашол земјен сад и во него глава за којашто на таинствен начин му било јавено дека е на Крстителот. Тој ја целивал и ја закопал на истото место.
Подоцна оваа чудотворна глава одела од рака на рака и паѓала во заборав, се додека најпосле во времето на благочестивата царица Теодора – мајка на Михаил а жена на царот Теофил – и во времето на патријархот Игнатиј, не била пренесена во Цариград. Од главата на Светиот Предвесник се извршиле многубројни чуда. Значајно и интересно е тоа што додека беше жив Свети Јован не изврши ниедно чудо (Марко 10, 41), а на неговите Свети мошти им се даде дар на чудотворство.
OhridNews