Идејата да се соберат релевантните фактори и авторитети во туризмот на едно место се претвори во мала фарса. Невладината организација МОСТ сакаше да ја модерира идејата на ДОМ и лидерот Поповска, но наместо издржани дискусии и нови идеи и патокази за иднината на туризмот во Охрид и Македонија, слушнавме млаки теоретизирања и јаки препукувања.

Во амфитеатарот на Факултетот за туризам имаше политикантство и непотребно „дискутирање“ за безначајни работи. (нпр. „Поповска да го тргне плакатот од ДОМ – ова не била политичка трибина“ или дофрлања од место околу должината на излагањата итн.) Многу од помладите очекуваа постарите да кажат нешто мудро – не се случи такво нешто. Лично очекував предлози за начини за зголемување број на туристи од соседните земји или до каде се плановите за градење луксузни хотели? Како евентуалниот нов закон да се прилагоди на ситуацијата во Македонија? (која не е сјајна).  Ништо од тоа. Сите критикуваа, никој не даде чесен предлог. На маргините од трибината (читај бифето на факултетот) можеше да се почувствува разочарувањето.


Не направија „МОСТ“ за туризмот

Авторитетите и експертите од Факултетот за туризам – ФТУ, беа навредени и искажаа отворени забелешки за нивното невклучување во изработка на предлог законот. Имаат право, но тие се најповикани да поттикнат, да креираат и да даваат енергија во туризмот, а нив никаде ги нема. Но, како што рече професорот д-р Науме Мариноски ги нема и туристичките работници на научните симпозиуми што ФТУ ги организира секоја година, што само по себе говори колку науката и практиката (бизнисот) кај нас одат заедно. Немаме Министерство за туризам, за што би требало да дискутираме-(професор д-р Миладин Крстаноски)


Софизам во амфитеатарот на ФТУ

Од ХОТАМ изјавуваат дека идејата била „наместо да ни се случува туризам, да поттикнат дискусија меѓу туристичките чинители за подобар нов закон“. Тешко. Ваквите активности личат (можеби не) на „ставање нож в грб на локалната самоуправа“ (Танас Танасоски).

Препишан закон од друга земја (Хрватска) не значи автоматски квалитетно решение и за Македонија.

Во секој случај трибината имаше своја вредност. Се видоа на дело сите „длабоки“ несогласувања помеѓу туристичките работници, инспекторатите, политичарите…
За жал се потврди нашата интерна убеденост – дека ОХРИД НЕ ЖИВЕЕ ЗА ТУРИЗМОТ, напротив.

С. Костоски