Речиси една деценија граѓаните на Охрид и Струга слушаат најави за изградба на модерна велосипедска патека што ќе ги спои двата града. Но, од тоа засега нема ништо. Стариот пат Охрид – Струга, каде инаку се предлага ваков значаен инфраструктурен проект, денес е се само не и безбеден пат за велосипедистите. Потврда за тоа се незгодите и непријатностите со кои оваа категорија учесници во сообраќајот се соочуваат на овој патен правец. Последната се случи вчера, при што смртно страдаше велосипедист.

На 07.03.2021 во 11 часот во СВР Охрид, пријавено е дека на регионалниот пат Струга-Охрид, помеѓу селото Подмоље и Автокамот камп „Андон Дуков“, патничко моторно возило „Мерцедес“ со струшки регистарски ознаки, управувано од 21 годишна стружанкаа удрило во 17 годишен велосипедист од селото Ливада, струшко. Во незгодата, од здобиените повреди велосипедистот починал на местото на незгодата, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Девојката што го управувала возилото била пренесена во болницата „Св.Еразмо“ каде и биле констатирани телесни повреди. Извршен е увид на местото на настанот од увидна екипа на СВР Охрид. – информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димовски.

Последниот немил настан уште еднаш го отвори долго поставуваното прашање без соодветен институционален одговор за безбедноста на велосипедистите во сообраќајот. Тие, пак, се вознемирени, но и револтирани од ниското ниво на сообраќајна култура, а особено од тоа што се случува на стариот пат Охрид – Струга, кој, како што велат, не е безбеден за велосипедистите. Додаваат дека на овој патен правец се вози многу брзо, а возачите на автомобили воопшто не водат грижа за безбедноста на велосипедистите и дека е крајно време надлежните нешто да преземат за ова прашање.

Страшно е тоа што се случува на стариот пат Охрид – Струга. Во неколку наврати за влакно имам избегнато незгода поради возачи на автомобили кои не почитуваат никакви правила и прописи, возат лудо и неодговорно загрозувајќи животи. Сум се нашол во многу опасни ситуации и не по моја вина. Се ова се случува пред очите на надлежните кои знаат за проблемот но не преземаат соодветни мерки да се реши и да се подигне безбедноста. – резигнирано вели познатиот џез музичар и велосипедист Владимир Четкар.

Непријатни искуства имаат и возачи, кои, пак, негодуваат на несоодветно однесување на велосипедистите, особено во градските средини. Најголем проблем се пешачките премини на коловозите, кои велосипедистите најчесто ги „сечат“ возејќи, со што оставаат малку простор за соодветна реакција на возачите. Ако се земе предвид и лошата сообраќајна култура, неприлагодената брзина и непрописно паркираните возила веднаш до пешачките премини, проблемот добива загрижувачки димензии.

Локалната велосипедска инфраструктура се подобрува, дали и безбедноста?

Локално, општина Охрид, изминатиот период интензивно работи на подобрување на велосипедската инфраструктура. Само минатата година, во Охрид беа изградени и обележани велосипедски патеки во должина од 3,5 километри на улиците „Питу Гули“, „Сирма Војвода“ и „АСНОМ“. Претходно вакви велосипедски патеки беа изградени на улиците „Димитар Влахов“ и Булевар „Туристичка“ во вкупна должина од 8км. До овој момент изградени се 11,5 км должина велосипедски патеки. Во следниот период се предвидува изградба на уште 7 км велосипедски патеки на улиците „15 Корпус“, „1ва Македонска ударна бригада“, „Марко Цепенков“ и „Момчило Јорданоски“. Поставени се и велосипедски постојки на девет локации во градот, информираа неодамна градските власти.

Граѓаните позитивно реагираат на овој тренд, кој освен што треба да придонесе за намалување на загадувањето, придонесува и за здравјето на луѓето кои автомобилите ги заменуваат со возење велосипед. Но, и покрај евидентното подобрување на велосипедската инфраструктура, возењето велосипед низ Охрид и натаму е „опасен спорт“. Причина за тоа е непочитувањето на вертикалната сигнализација, узурпација на велосипедските патеки и тротоарите од страна на автомобили и разни други пречки.

Според статистичките податоци на СВР Охрид, Во периодот од 01.01.2020 до 31.10.2020 година на подрачјето на Охрид, се случиле 262 сообраќајни незгоди од кои, 22 биле со учесник-велосипедист. Притоа, 14 велосипедисти се здобиле со телесни повреди, 7 со тешки телесни повреди и еден велосипедист го загубил животот, информира СВР Охрид.

Бројот на незгоди, несомнено ја нагласува потребата од акција за подигнување на свеста за почитување на правилата за безбедно учество на велосипедистите во сообраќајот. Потребна поголема сообраќајна контрола и сооодветно обезбедување на велосипедските патеки, на начин тие да не можат да бидат узурпирани од автомобилите, што ќе придонесе за поголема безбедност. Подигнувањето на сообраќајната свест, пак, треба да биде приоритет на сите чинители, дотолку повеќе што велосипедот како превозно средство се повеќе се користи во секојдневието.

Г.М.