Владата го врати предлогот за воведување рестриктивни мерки на повторно разгледување во Комисијата за заразни болести. Наместо полисциски час, донесена е одлука да се воведат засилени контроли и мониторинг во таргетирани подрачја на градот Скопје и општините во градот Скопје, потоа во околните скопски општини Арачиново, Студеничани, Илинден, Петровец и Зелениково, како и во општините Куманово, Липково, Штип и Карбинци, Тетово и тетовски општини Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце, каде што е регистриран поголем број на новозаразени граѓани.

Владата ги задолжи Министерството за внатрешни работи, Инспекцискиот совет и Финансиската полиција да изготват посебни акциски планови за контрола и за спречување на отстапувањето на мерките за заштита, како и санкционирање на секое непридржување до донесените мерки. – стои во заклучокот од 63 седница што се одржа денеска.

Во иднина во секое решение за изолација што ќе биде донесено од Државниот здравствен и санитарен инспекторат задолжително ќе се бара инсталирање на апликацијата СтопКорона заради поголема прегледност и контрола со цел превенција на ширењето на коронавирусот. Секое прекршување на одредбите од решението за изолација ќе биде санкционирано со државен карантин, предупредува Владата.

На денешната седница Владата ја усвои информацијата за барањата кои ги исполнуваат критериумите од Јавниот повик бр.1 за кредити од кредитната линија од Посебниот кредитен фонд (ПКФ) со цел намалување на последиците од коронавирусот КОВИД-19, како и за измените во одобрените списоци, и ја задолжи Развојната банка да склучи договори за кредит со кредитобарателите кои ги исполнуваат критериумите. Од пристигнатите и обработени барања одобрени се вкупно 738 барања во вкупен износ од 338,8 милиони денари.

На оваа седница е донесена Уредба со законска сила за финансиска поддршка за зајакнување на конкурентноста на деловните субјекти од областа на индустријата во пост КОВИД- 19 периодот, со која се уредуваат видот, висината, условите, начинот и постапката за доделување на финансиска поддршка за зајакнување на конкурентноста на трговските друштва од областа на индустријата со цел да се стабилизира и обнови нивната деловна активност вклучувајќи го враќањето на изгубени пазари со што ќе се одржат деловните потфати кои ќе придонесат за заздравување на домашната економија, преку реализација на инвестициски проект во пост-ковид периодот во текот на март 2020 година до декември 2021 година. – информира Владата.

OhridNews