Со неодамна спроведеното прскање против лисни вошки на липите, уништени се голем број пчелни семејства во Охрид. Најголеми се загубите на потегот од Бараките до Горица” , тврдат охридските пчелари. – Од страна на ЈП Комуналец кој го спроведе прскањето, бевме информирани дека тоа ќе се изврши на 25 јули и тоа со средство кое не е штетно за луѓето и пчелите. Меѓутоа, прскањето не започна на 25- ти, туку на 16- ти јули,  а продолжи и наредниот ден. Средството со кое се прскаше е едно од најјаките инсектициди кое и самите земјоделци од поодамна го имаат исфрлено од употреба заради неговата голема токсичност. По остварениот контакт со одговорното лице за прскањето од ЈП„Комуналец“ – Охрид ни беше кажано дека се користело сретството по име „Актара“. Земјоделците и пчеларите многу добро знаат за каков инсектицид станува збор, велат револтирано пчеларите.

Од ЈП Комуналец се децидни- прскањето беше навреме најавено преку медиумите и беше укажано дека ќе се прска во строгото централно градско подрачје, а не околината на градот каде има пчели. Се изврши како што и беше најавено- на 25 јули, вели директорот Сашо Алчев.   

           На терен од пред неколку дена е излезен државниот ветеринарен инспектор и од затекнатата состојба направен е записник. Утврдено е дека се забележуваат мртви пчели околу влезот на сандаците. При проверка на рамките констатирано е угинување и на леглото.

Испратени се примероци од угинатите пчели на ветеринарниот факултет и земјоделскиот факултет од Скопје на анализа.

Ohridnews