Полицаецот Дан Велс се враќал во полициската станица во Фулхам, Британија, кога го преминал забрзан автомобил марка БМВ и сопрел пред него. Возачот Михаел Надел (39) всушност барал помош бидејќи неговата сопруга Наталија добила породилни болки.
„Мислев да поразговарам со него за начинот на неговото возење и тогаш ми рече дека сопругата му се породува“ – вели полицаецот.
Возачот се вратил кај Наталија, но по неколку секунди дотрчал назад и му рекол на полицаецот дека породувањето оди побрзо отколку што очекувале. Кога полицаецот ја отворил вратата од автомобилот, ја видел главата од бебето но и дека нешто не е во ред со него.
„Главата беше веќе надвор, но беше помодрена. Забележав дека папочната врвца беше замотана околу него“ – рекол Дан.
Тој брзо ја одмотал врвцата која го гушела бебето и девојчето се родило живо со нешто помалку од 3 килограми.
„Беше навистина драматично. Не знаеме како да му се заблагодариме. Навистина многу ни помогна“ – рекол среќниот татко.