Некогаш беше базен. Отворен. За на лето.  Денес е жабурник. Всушност во ваква тажна состојба е веќе извесно време. Просто да не веруваш дека тука некогаш, не толку одамна се капеле деца, тренирале ватерполисти и пливачи, се уживало во ладно пивце и сокче. Едно време базенот имаше и ноќна шема, дискотека, со шанкови и бина на која настапиле дури и “Леб и Сол”, Рамбо Амадеус, Бајага … Нема ништо веќе од тоа. Само крш од пивски шишиња и згниена трска. Ваква негрижа кон спортски (не само спортски) објект во било која западна земја е казнива со закон. Ако објектот не работи треба прописно да се обележи и заштити. Овде, коритото од базенот е потполно отскриено, насобраната дождовница се претворила во мочуриште полно со отпад. Наоколу, некогашните шанкови и бина се претворени во „страшила“ за птици.


„Наместа. Позор…“


Шанкови претворени во страшила


Овој ватерполо гол видел и подобри времиња

Од Општината информираат дека причина за ваквата состојба е СОПСТВЕНОСТА. Имено, базенот е на државата. Со него управува „Јавното п-тие за управување со спортски објекти“. Требало сопственоста да премине во раце на Локалната, но некој спорен договор за закуп со едно познато лице од Охрид (има прекар од три букви) спречува било какво инвестирање. Инаку Општината имала проект за покриен базен… Разбравте нешто?! Ни јас. Искрено, воопшто не е битно кој го има во владение. Нека го дадат на приватник, само да не стои оној срам. Безброј пати сме биле сведоци на бирократски “пинг – понг”, префлање одговорност од еден на друг.


„Богатство“ на дното од базенот


Врвна негрижа. Отворено струјно орманче

Дефинитивно не сме спортски град. Одамна на професионално ниво немаме никакви успеси. Нема шанса да развиваме спорт со ваков однос спрема спортските објекти. Иако ќе звучи банално, сепак крајно време е локалните власти да преземат нешто за средување на состојбата на ГРАДСКИОТ БАЗЕН. Побрзајте!

Текст и фотографии:
Спаско Костоски