Наместо целосна сатисфакција за постигнатиот успех и ветената парична награда од државата, наградените ученици на Меѓународниот натпревар по математика „Кенгур“ одржан во 2015 година, добија решенија од Државниот правобранител во Охрид солидарно да му исплатат на Министерството за образование по околу 5000 денари за трошоци во судската постапка што ја поведоа нивните семејства.

Како што дознаваме, се работи за неколку стотини ученици од Охрид, но и од целата држава, што според родителите, кои заради заштита на своите малолетни деца засега се воздржуваат од јавни изјави, е главна причина за ваквата одлука на судот. Тие сметаат дека правосудниот систем наместо децата ја штити државата, бидејќи сумата која таа треба да ја исплати надминува повеќе стотини илјади евра.

Туженото Министерство за образование и наука – МОН, за случајот вината ја фрла на организаторот на натреварот, Сојузот на математичарите на Македонија, бидејќи не бил акредитиран за организирање на меѓународен натпревар Кенгур, што е услов за исплата на ветената парична награда, како и дека не станува збор за натпревар туку за игра.

Оваа игра е со цел да привлече максимален број на ученици без при тоа да има каква било национална селекција на учесниците, ниту пак да се споредуваат знаењата помеѓу државите. Министерството за образование и наука ги извести сите кои имаа поднесено барање за исплата на парична награда за прво место на Кенгур дека не се исполнети условите за доделување на парична награда.

Министерство за образование и наука

Од Сојузот на математичари – СММ, пак, не чувствуваат одговорност за настаната ситуација поврзана со натпреварот Кенгур, бидејќи конкурсот за финансиска награда која изнесуваше околу 7000 денари по ученик за освоено 1, 2 или 3 место, го распишало Министерството за образование и наука.

Што се однесува до делот финансиска награда, СММ нема пропишано Јавен оглас за доделување на такви средства. Правилото во адимистративно-правниот дел, во нашата земја Република Македонија е дека кој распишал конкурс тој мора и да додели средства или награди по било кој основ. Во оваа ситуација, тој што се тужен е надлежен да одговори на своите обврски, доколку за тоа имаат можност. Грешки се секогаш можни па и во овој случај.

Алекса Малчески
Сојуз на математичари на Македонија

Родителите на учениците кои останаа без ветената финансиска награда од државата и од кои таа сега побарува судски трошоци, најавија дека случајот ќе го тераат до крај и дека правдата ќе ја бараат пред  повисоки домашни и меѓународни инстанци.

Г. Момироски