Ковид кризата го менува начинот на кој оваа година ќе биде одбележан Празникот на заштитникот на Охрид – Св. Климент Охридски Чудотворец. Од тие причини ќе изостане Свечената академија на која традиционално градот Охрид ги доделуваше највисоките општински признанија.

Овој пат наградата и овелбата Св. Климент Охридски – Патрон на Охрид, ќе бидат доделени на пригодна свеченост којашто ќе биде пренесувана онлајн преку социјалните медиуми.

Добитник на највисокото општинско признание, наградата „Патрон на градот- Св. Климент Охридски“ за 2020 година е академик Вера Битракова- Грозданова, неуморен истражувач, универзитетски професор и еминентен научник од областа на археологијата и историјата на уметноста.

Во текот на работниот век учествувала во многу археолошки истражувања, особено во Охрид, има објавено околу 150 научни и стручни трудови и учествувала на бројни студиски престои во Франција, Германија, Грција, Бугарија, Албанија и други земји, а била учесник на бројни меѓународни научни собири. Академик Вера Битракова- Грозданова е носител на повеќе научни и општествени признанија меѓу кои се наградата „Гоце Делчев“, престижната европска награда Herder-Preise и наградата „Климент Охридски“ .

Добитници на повелбaта „Патрон на градот „Св. Климент Охридски“ се: ЈЗУ „Општа болница“ – Охрид- како главен носител на борбата со пандемијата на Ковид 19, посветеноста, стручноста и пожртвуваноста на сите вработени во оваа здраствена установа, Д-р Мимоза Влаши Хиса- специјалист по гинекологија и акушерство, раководител на Одделот за гинекологија, акушерство и неонатолошка опсервација во ЈЗУ „Општа болница“ – Охрид – заради нејзиниот ентузијазам, издржливост, посветеност кон пациентите и соработка со колегите и Проф. д-р Рубин Земон, социо – културален антрополог- долгогодишен активист во невладиниот сектор за промоција на мултикултурализмот и толеранција, на богатото културно наследство на Охрид, заштитата на културното и природно наследство, еминентен научник во општествените науки и универзитетски професор.

Г.М.