Стопанската комора на Северозападна Македонија бара од Владата намалување на придонесите, либерализација на работната сила и зголемување на квотите за странските работници. Ова, според нив, се дел од решенијата за да се надмине проблемот со недостигот на работна сила. На долг рок, сметаат дека треба да се подготви долгогодишна програма во која Министерството за образование и наука ќе ја има главната улога со цел да се креираат адекватни профили за домашната економија.

Ставот на Владата е либерализација на пазарот на труд и зголемување на квотите за странските работници, кој сега е ограничен на 5.000 но ова, според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, треба да биде краткорочно решение затоа што на долг рок работната сила првенствено треба да се обезбедува од внатрешните извори, а за тоа потребна е доквалификација и преквалификација на постоечката работна сила.

Моментално има илјадници слободни работни места, а во Агенцијата работа бараат над 105 илјади граѓани. Прашањето е зошто тие не се пополнуваат со невработените. Затоа што овие вработени не се оспособени за професиите што ги бара пазарот на труд, рече Битиќи на годишната конференција „Предизвикот на компаниите во РСМ во обезбедувањето на работната сила во период на глобализација и дигитализација“.

Анализите покажуваат дека на нашата земја и недостигаат околу 10.000 работници годишно, а најпогодени се градежништвото и туризмот.

Недостигот на работна сила, како што посочи Битиќи, не е проблем со којшто се соочува само Северна Македонија, туку и целиот Западен Балкан и Европската Унија. Според Институтот на европските синдикати, од 2019 до 2022 година има рекорден недостиг на работна сила, а само минатата година, четвртина од бизнисите во ЕУ пријавиле проблеми со производството како резултат на недостигот на работна сила.

Претседателката на МАСИТ, Анита Пешева, смета дека има два проблема кои треба да се решаваат – како да се задржат младите во државата и како да се врати назад работната сила која веќе е замината во странство. Главниот проблем, вели Пешева, е тоа што се вработуваат луѓе со врски и политички определби што создава нервоза кај младите. Она што треба да се направи, според неа, е универзитетите да бидат главниот асцелератор за вработување на студентите и да се најде модел за скалесто плаќање на придонесите.

Во Романија и Бугарија направија бум со тоа што ИТ индустријата ги ослободија од плаќање на даноци, особено младите луѓе и тогаш сите се вратија назад, истакна Пешева.

Според бизнисот, потребна е и поголема промоција особено во делот на оние кои се вратиле назад во државата.

OhridNews