Трошоците на живот во февруари годинава во однос на февруари лани се намалени за 1 отсто, а цените на мало за 2,8 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика.  

Во февруари споредено со јануари годинава трошоците на живот останеле непроменети, а цените на мало се зголемиле за 0,1 процент. Кај трошоците на живот во февруари е забележано движење во подгрупите. Пораст е евидентиран кај свежото овошје за 3,7 проценти, свежиот зеленчук за 1,9 проценти, сувото и конзервираното овошје за 1,4 проценти, безалкохолните пијалаци за процент, другите неспомнати прехранбени производи за 0,6 проценти, шеќер, џем, мед, чоколада и кондиторски производи за 0,5 проценти, свежото млеко за 0,4 проценти и алкохолните пијалаци за 0,2 проценти.

Пораст на трошоците на животот во февруари годинава во споредба со претходниот месец има кај болничките услуги за 4,2 проценти, лековите за 3 проценти, текстилот за домаќинствата за 2,1 процент, авионскиот превоз на патници за 1,6 проценти, гасот за домаќинствата за 1,1 проценти, средствата за лична хигиена за 0,8 проценти. Кај средствата за чистење и одржување на стан има пораст за 0,6 проценти, пијалаците во рестораните и хотелите и накитот и часовниците за 0,5 проценти, услугите за одржување и поправки на станот за 0,4 проценти и комуникациите за 0,2 проценти.

Намалување на  трошоците на животот во февруари годинава во споредба со претходниот месец статистиката евидентира кај месото за 1,3 проценти, замрзнатиот зеленчук за 0,6 проценти, конзервираниот зеленчук за 0,4 проценти, тестенините за 0,3 проценти и лебот и житариците за 0,2 проценти. Намалување на трошоците на животот е забележано и кај течните горива за домаќинствата за 6,3 проценти, обувките за 2,8 проценти, сообраќајните средства за 2,6 проценти, течните горива и мазива за 2,1 процент и облеката за 0,9 процент.

OhridNews