Собранието доцна синоќа едногласно по скратена постапка ги донесе Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност и Предлогот на закон за дополнување на Законот за акцизите.
Согласно донесените измени, за денеска е предвидено Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) да донесе одлика за нови цени на горивата, кои ќе важат од утре.
Министерот за финансии Фатмир Бесими, образложувајќи ги двата предлог закони, рече дека тие се дел од пакетот 26 кризни мерки на Владата, кои треба да му помогнат на стопанството во државата, која е погодена од енергетската криза и ценовниот шок на глобалните пазари.
Актуелната ситуација во домашната економија, погодена главно од цените на основните производи, од категоријата на прехранбени производи, се преземаат мерки кои ќе го заштитат животниот стандард на граѓаните од повисоките цени, особено најранливите категории од социјален аспект и домашната економија. Со цел да се надмине оваа ситуација, потребно е да се интервенира. Пакетот од 26 мерки во вредност од 400 милиони евра за економска заштита на граѓаните и компаниите, рече министерот Бесими.
Тој посочи дека со мерките се предвидуваат субвенции, односно ваучери за најранливите категории на граѓани од по 1.000 денари за 3 месеци и ќе служат за основни производи за исхрана, а ќе може да ги користат над 35.000 граѓани.
Пакетот на мерки ги опфаќа прехранбените производи, електричната енергија и горивата. Се намалува повластената стапка на ДДВ за основни производи за човечка исхрана од 5 отсто на 0 проценти, од април до јуни. Се намалува стапката на ДДВ од 18 на 10 проценти при промет на енергентите, дизел, безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас (ТНГ) и метан и ќе важи до мај оваа година, со намалувањето се заштитува животниот стандард на граѓаните, а од друга страна се зголемува ликвидноста и солвентноста на компаниите, рече Бесими.
Министерот истакна дека се намалува акцизата врз основа на берзанските цени. Тој посочи дека мерката се предлага со цел ублажување на влијанието на зголемените цени на енергенсите на светските берзи и со тоа заштита на куповната моќ на потрошувачите. Мерката ќе има директно влијание врз малопродажната цена на енергенсите.
Заменик-министерот за финансии Филип Николовски, образложувајќи ја потребата од носење на измените и дополнувањата на овие два закони по скратена постапка, рече дека тие треба да се донесат поради брзиот скок на цените, со цел граѓаните и бизнис заедницата да се приспособат на новонастанатите услови.
Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност има една и единствена цел, а таа е ублажување на последиците од енормниот раст на цените на енергенсите и на основите прехранбени производи на светските берзи, што се прелева и кај нас. Со тоа ќе го заштитиме животниот стандард на граѓаните, особено оние од ранливите категории, кај кои учеството на основните прехранбени производи е доминантно во потрошувачката кошница, рече Николовски.
OhridNews