Во текот на минатата година на подрачјето на oпштина Охрид евидентирано е намалување на стапката на смртност. Според извештајот за морталитет на Државниот завод за статистика, во текот на 2014 година, починале вкупно 579 охриѓани, што е за 10 лица помалку од 2013 година кога биле евидентирани 589 починати.
Статистичките показатели говорат дека од вкупниот број на починати во текот на минатата година, 311 биле од машки, а 268 од женски пол. Според податоците во статистичкиот извештај, вкупно 550 од лицата кои починале биле лекувани пред својата смрт, а 265 починале во здравствена установа.
Инаку податоците на Државниот завод за статистика, на ниво на Република Македонија покажуваат дека бројот на починати лица е зголемен за 2,7% во однос на претходната година и изнесува 19.718 лица од кои 10.210 или 51,8% се од машки пол. Просечната возраст кај починатите од машки пол изнесува 69,9 години, односно 74,8 години кај лицата од женски пол.
Според извештајот најголемиот дел од починатите лица или 57,2% починале од болести на циркулаторниот систем , а кај 18,9% од вкупниот број причината за смрт биле неоплазми.
OhridNews