Вакцинацијата е најдобар начин за заштита од Ковид-19 потенцираат здравствените власти. Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, опфатот со две дози вакцина на територија на ЦЈЗ Охрид на население над 18 години изнесува 67,4 %, а интересот за имунизација во Охрид во последниот период е генерално намален, вели Д-р Соња Маринова, раководител на служба за вакцинација во Охрид.
Воопшто заинтересираноста за вакцинирање во овој период е намалена, со тоа што поголем процент од граѓаните се вакцинираат со трета доза во однос на прва доза. Моментално , за трета доза се вакцинира само со „Фајзер“ , а на дневна основа варира бројот на вакцинирани граѓани. Во последнава недела бројката се движи од 45-60 граѓани, вели Д-р Маринова .
Според Д-р Маринова, намалениот интерес за имунизација кај населението се должи на тоа што голем дел од охриѓани се вакцинирани, а има и многу граѓани кои се позитивни на Ковид-19 во моментов.
Поголем број од граѓаните на Охрид се вакцинирани и ние спаѓавме во врвот по број на вакцинирани во Македонија. Исто така во моментов има и доста заболени, можеби се чека време да помине од опоравување до вакцинација. Исто така, голем од граѓаните не се доволно информирани за значењето на вакцинацијата и воопшто дека болеста можеме да ја пребродиме само со вакцинација, додава Д-р Маринова.
За целосно имунизирано лице се смета она кое е вакцинирано со три дози на вакцина, истакнаа од Комисијата за заразни болести, а третата доза е најголем штитник од смрт, особено за лицата со коморбидитети.
Како што вели Д-р Маринова, токму заинтересираноста за трета доза во Охрид е повеќе кај возрасната популација, и тоа повеќе кај оние граѓани кои се со хронични болести, а доаѓале и помлади лица да се вакцинираат со трета доза која им е потребна за патување во странство каде се признаени само вакцините на „Фајзер“. Имунизацијата со трета доза во државава изнесува само пет проценти.
К.А.