Во текот на изминатата година, долгот на општина Охрид е намален за 100.914.576 денари, односно повеќе од 1 милион и 600.000 евра, информира на денешната прес конференција градоначалникот Јован Стојаноски.

На 30.11.2017 вкупниот долг на општина Охрид изнесувал 1.573.036.905 денари, додека на 30.09.2018 година, 1.472.122.329 денари. Истовремено, преку склучување спогодби и регулирање на односите со доверители, општината има остварено заштеда од 17.572.707 денари.

  • Тоа е постигнато преку опростување на затезни камати и со исплата само на основниот долг кон доверителите. Тоа е она што ние можевме да го направиме во текот на една година, со самостојно функционирање и договарање со доверителите, потенцира Стојаноски.

Стојаноски очекува во првиот квартал на 2019 година целосно да биде исплатен долгот и да се одблокира сметката на ОУ „ Григор Прличев“, чиј вкупен долг кон 21 коминтент изнесувал 37.733.670 денари. Склучени се спогодби со 14 коминтенти и исплатени се 22.413.581 денари, при што со отпишување на камати заштедени се 8.585.268 денари.

Градоначалникот информира дека е решен и проблемот со долгот кон вработените во Територијалната противпожарна единица. Како што кажа, потпишани се спогодби и на вработените им се исплатени 7.166.681 денари.

Во тек е и процес на консолидација на финансиската состојба во јавните претпријатија. Врз основа на анализи, склучени се договори со доверителите, исплатени се заостанатите плати и придонеси и сега на вработените редовно им се исплаќаат платите.

  • Општина Охрид не може сама да ги расчисти старите долгови за да има стабилна финансиска состојба која во иднина ќе овозможи стабилен развој. Затоа, очекуваме носење на зконот за консолидирање на долговите на општина Охрид во текот на наредниот месец, два и со тоа на општината да и бидат префрлени 7 или 8 милиони евра за подмирување на заостанати долгови. Тоа се неповратни средства, со кои ќе се покријат 51% од пријавените обврски на општините, средства кои се предвидени со ребалансот на буџетот. Со тоа ќе постигнеме значаен напредок, ќе имаме финансиска комоција да влеземе во преговори со доверителите да тие кои се спремни општина Охрид да им го подмири основниот долг, рече Стојаноски.

Градоначалникот потенцира дека со исплаќањето на дел од старите долгови ќе се овозможи нов развоен циклус на општината Охрид при што ќе располага со повеќе средства за развојни, особено инфраструктурни  проекти.

Т.К.