На подрачјето на СВР Охрид во текот на првите 5 месеци од годинава во однос на првите пет месеци лани се бележи намалување за 18% на делата од класичниот криминалитет, а се бележи зголемување од околу 50% во однос на реализациите против недозволената трговија со наркотици. Зголемена реализација за околу 50% има и во борбата против економскиот криминал, а на исто ниво се задржуваат прекршоците против јавниот ред и мир и состојбите во сообраќајот. Ова го истакна Министерот за внатрешни работи Митко Чавков во своето обраќање на состанокот на Локалниот совет за превеција кој се одржа денеска во општина Охрид.
-На прагот сме на туристичката сезона и јас ви посакувам што е можно повеќе гости. Сепак за истата да може да ја прогласиме за успешна, неопходно е таа да им остане во паметење на туристите, а тоа ќе го сториме со што е можно пошироко гостопримство, а што е можно помалку проблеми и ризици од безбедносен карактер. Во текот на претстојната сезона секојдневно ќе се бориме да одржиме стабилна безбедносна состојба, соодветен јавен ред и мир за да можат граѓаните на Охрид и сите гости кои ќе престојуваат во Охрид да се чувствуваат мирни и безбедни, рече Чавков.
Тој потенцираше дека Министерството за внатрешни работи е силно фокусирано на развивање на разни превентивни механизми за чија реализација е потребен координиран пристап со останатите чинители на општеството.И претставниците на СВР Охрид потенцираа дека безбедноста треба да биде составен дел од севкупната туристичка понуда на градот Охрид.
– „Безбедна туристичка сезона-безбеден град“ е мотото под кое ги преземаме сите подготвителни мерки за беспрекорна безбедносна состојба ова лето. Во таа насока, изминатиов период презедовме широк спектар на активности, одржавме средби и договаравме мерки со советодавните групи граѓани од подрачјето, со секторот за локален економски развој, државниот пазарен инспекторат, УЈП, со претставници на јавните претпријатија, со претставници на хотелските асоцијации, на угостителските објекти, туристичките агенции, туристичките работници и водичи на град Охрид, појасни Стефан Димоски, потпарол на СВР Охрид.
Тој истакна дека се подготвуваат и едукативните кампањи и проекти што летово ќе се реализираат за поголема безбедност во сообраќајот, за заштита од кражби и за безбедност на вода.
Градоначалникот Никола Бакрачески истакна дека денешниот состанокот на Локалниот совет за превеција има за цел да создаде хармоничен спој помеѓу полицијата и граѓаните на Охрид.
-Имавме чест да бидеме почестени од присуството на највисокиот врв на Министерството за внатрешни работи кои што и на овој начин покажаа дека им е важна безбедноста и јавниот ред во градот Охрид, што за нас како охриѓани и како локална самоуправа е од несомнено значење, за еден подобар имиџ на Охрид, поквалитетни услуги, позадоволни граѓани и туристи кои доаѓаат тука и го посетуваат Охрид, рече Бакрачески
Тој се надева дека по оваа широка и координирана активност помеѓу сите субјекти во текот на оваа сезона ќе има највиоско ниво на безбедност во градот.
На состанокот покрај претствниците на локалната самоуправа и МВР, присуствуваа и претставници на угостителските објекти, претставници од ХОТАМ и туристички работници од Охрид.
Е.М