Лошите временски услови во изминатите две недели негативно влијаеа на претсезоната во Охрид. Изостана викенд посетата во јуни, а намален е и обемот на склучени аранжмани за главната сезона. Хотелиерите стравуваат дека претстојната сезона нема да ги исполни нивните очекувања, а скептицизам има и кај приватните станоиздавачи.

Најавите за главната сезаона не се на посакуваното ниво, ни изјави Дончо Танески од ХОТАМ. Тој не информираше дека резервациите во хотелите на охридската ривиера за оваа година се намалени од 5 до 25% во однос на лани. Тоа најмногу се должи на намалениот број аранжмани од Србија, од каде во изминатите две години доаѓаа најмногу туристи, посочува Танески. Тој објаснува дека српските туристи ова лето повеќе ќе летуваат во Хрватска која со агресивниот маркетинг успеала да се наметне на пазарот во Србија.

Иако смета дека е задоцнета, Танески се надева дека со отпочнатата билборд кампања и рекламните спотови на светските тв станици, Македонија ќе успее да ги привлече туристи кои во време на економска криза се особено пребирливи во изборот на дестинацијата за летен одмор.

Ohridnews