Во август годинава на ниво на држава издадени се 275 одобренија за градење, што е за 20.1 % помалку во однос на истиот месец од претходната година, соопшти Државниот завод за статистика (ДЗС). Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 4 851 654 илјади денари, што е за 31.1 % помалку во однос на истиот месец од претходната година.

Во август во Охрид биле издадени 5 одобренија за градење, од нив 3 на физички лица и 2 на деловни субјекти. Предвидена е градба на 42 станови со вкупна корисна површина од 2 922 м2. Од нив 1 еднособен, 16 двособни, 23 трособни, 1 четорособен и 1 шестособен стан. Предвидената вредност на објектите изнесува 116 066 илјади денари. Во истиот период во општините Струга и Дебрца е издадено по едно одобрение за градба на деловен субјект  и физичко лице, покажуваат податоците на ДЗС.

Споредбено со август минатата година, во Охрид биле издадени две одобренија повеќе односно вкупно седум од кои едно на физичко и шест на деловни субјекти. Предвидената вредност на објектите изнесувала 1 052 615 илјади денари за изградба на 129 станови со корисна површина од 7 402 м2.

Од вкупниот број на издадени одобренија за градење на ниво на држава, во август годинава, 165 (60.0 %) се наменети за објекти од високоградба, 45 (16.4 %) за објекти од нискоградба и 65 (23.6 %) за објекти за реконструкција. Од вкупно 275 објекти, на 167 (60.7 %) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 108 (39.3 %) објекти инвеститори се деловни субјекти. Во извештајниот период е предвидена изградба на 531 стан, со вкупна корисна површина од 52 648 м2.

Н.С.Ј.