Сопствениците на возила, заклучно со 12 февруари годинава мора да извршат промена на ознаката „МК“ на регистарските таблички со новата ознака „NMK“. Налепниците со новата ознака „NMK“ ќе чинат најмногу 50 денари, а ќе можат да се набават во станиците за технички преглед.
Од Министерството за внатрешни работи појаснуваат дека согласно Рамковната спогодба за набавка на регистарски таблици, склучен бил договор за нарачка со избраниот економски оператор, за што течат законските рокови за испорака на налепниците.
Согласно решението за изменување и дополнување на решението за цените на обрасците што ги издава Министерството за внатрешни работи, објавено во Службен весник на Република Северна Македонија број 2 од 03.01.2024, цените на налепниците ќе се движат од 30 до 50 денари, наведуваат од МВР.
Според претходните најави од МВР, тие ќе бидат доставени до станиците за техничките прегледи, каде што граѓаните ќе може да си ги купат.
Обврската за користење на кодот „NMK“ на регистарските таблички е од Преспанскиот договор.
OhridNews