Контроверзите кои го следат изборот на годинешните добитници на највисокото општинско признание што се доделува по повод патрониот празник на Охрид – Св. Климент Охридски, како и тешките обвинувања за политички пазарења и реакциите во јавноста, го натераа претседателот на градскиот Совет, Душко Јаковчески, да ја одложи свечената седница на која требаше да бидат доделени Свети Климентовите награди и повелби.

–    По седницата на Комисијата за доделување награди и признанија нејзиниот претседател, д-р Томислав Тунтев, од лични причини до мене поднесе оставка на функцијата. Деновиве имаше голема реакција од мнозинството советници, а за да не долеваме нафта на огнот, бидејќи постоеше можност да нема и кворум, решив да ја откажам свечената седница, додека другите свечености по повод патрониот празник ќе се одржат, изјави Душко Јаковчески – претседател на Советот.

Тој појасни дека со самото одложување на седницата нема да има ниту доделување на Свети Климентовите награди и повелби. Нив според одлуката на комисијата која која сочинуваат претставници од политичките партии членови градскиот совет годинава требаше да ги понесат професорката Милена Главинчева, архитектот Димитар Зарчев и пратеникот Цветко Грозданов кои ја поделија Св. Климентовата награда за животно дело, додека добитници на повелба се  планинарот Мишко Танески, познатиот угостител  и хуманист Љупчо Патчев и ОМУ „Методи Патче“. Дали тие остануваат добитници и кога евентуално ќе ги добијат признанијата, Јаковчески кажа дека Советот ќе одлучува дополнително.

Случувањата кои го пратат изборот на добитниците на највисокото општинско признание за 2009 година, но и пропустите направени во минатото  не само што ја  деградираат Свети Климентовата награда, туку го девалвираат и успехот на плејада заслужни граѓани и институции кои вистински го афирмираат Охрид во земјата и надвор од неа. Дали некој ќе понесе одговотност за рашомонијадата со доделувањето на Св. Климентовите награди и повелби е прашање на етика и морал, но најмалку што треба да направат  политичките партии – партиципиенти во Советот е да смогнат сили и да ги корегираат нормите и  механизмите според кои се доделуваат признанијата по повод патрониот празник на Охрид, за да се избегнат слични скандали во иднина.

Г. Момироски