Највисоката трансакција на ниво на Република Македонија при купопродажба на недвижности, во текот на изминатите два месеца била извршена на територијата на општина Охрид. Трансакцијата е во износ од околу 1,2 милиони евра или 74.261.000 денари, а нејзината намена била купопродажба на објект од 6.751 метар квадратен. Ова го објави Агенцијата за катастар на недвижности во рамки на денешната промоција на „ГИС порталот“, на кој јавно ќе се објавуваат цените на сите купопродажби и закупи запишани во регистарот на цени и закупнини.
Од катастарот информираа дека просечната цена на метар квадратен земјиште во Охрид изнесува 3.561 денар, а во околината 358 денари за метар квадратен. Според статистиката од Регистарот, најмногу трансакции на недвижности и закупи има во Скопје.
Кај закупите најголема вредност е постигната во Скопје во катастарската општина Центар 2, каде за деловен простор со површина од 287 метри квадратни закупнината изнесува 411.335 денари. Најголем број закупи од досега обработените податоци се случиле на територијата на катастарската општина Центар 1, односно 116 закупи со постигната просечна цена по метар квадратен од 449 денари и за референтна недвижност од 69 метри квадратни месечниот закуп би изнесувал 30.877 денари. Во Кисела Вода 2 метар квадратен закуп на објект просечно изнесува 298 денари, а во Охрид 397 денари.
Во Регистарот на цени се достапни информации за бројот на трансакции на одредена гео локација, која цена е постигната, за каков тип недвижност се работи, која е квадратурата на недвижноста што била во промет, за каков тип трансакција се работи и датумот кога е извршена.
Со овој проект, според директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески, пазарот на недвижности во Македонија станува транспарентен. Се надминува проблемот со недоволна количина податоци и информации за цените поради што се користеа несигурни и неофицијални податоци. За два месеца од воспоставувањето на Регистарот на цени и закупнини се обработени над 5.000 трансакции.
OhridNews