Белградската полиција ги привела денеска бившиот претседател на Црвена Ѕвезда и најпознатиот играч во историјата на „црвено-белите“ Драган Џајиќ, бившиот директор Владимир  Цветковиќ и бившиот секретар Милош Маринковиќ под сомнение дека при купопродажба на играчи „испрале“ околу пет милиони евра.

Како што пренесува Б 92, полицијата го привела бившото раководство на Црвена Ѕвезда поради сомневање дека фалсификувале службени исправи и со купопродажба на играчи се стекнале со противправна имотна корист од пет милиони евра.

Портпаролот на Фудбалскиот сојуз на Србија изјавил дека водството на ФФС на прес конференција ќе излезе со став по повод апсењето на бившите челници на Црвена Ѕвезда.

Инаку Драган Џајиќ е една од најголемите фудбалски икони во историјата на Црвена Ѕвезда, легенда на југословенскиот, но и светскиот фудбал. Тој е сопственик на многу фудбалски рекорди. Дури пет пати бил избран во најдобрата селекција на Европа и Светот, а за југословенската репрезентација прв пат настапил на Маракана против моќниот Бразил кога имал само 23 години.

Во 2003 година Џајиќ е прогласен за најдобар фудбалер на Србија и Црна Гора во изминатите 50 години во конкуренција на фудбалски легенди како Савичевиќ, Стојковиќ, Мијатовиќ и др. 

ohridnews