Јапонскиот производител на електроника Шарп во градскиот музеј во Токио претстави прототип на телевизор со течни кристали (LCD) со дебелина од само 20 милиметри, за кој велат дека е најтенкиот, најлесниот и енергетски најштедливиот телевизор на светот.

Телевизорот со екран од 52 инчи, тежи 25 килограми, со вградено радио и останатите делови, е скоро дупло полесен од стандардниот телевизори со LCD екрани кои моментално можат да се најдат на пазарот и троши двојно помалку електрична енергија, велат од Шарп (Sharp).

На презентацијата на новиот телевизор е покажано како може лесно да се монтира на ѕид или да се постави на тенки ногарки, па да се добие ефект на лебдење.


Новиот телевизор има контраст ратио од 100.000:1, кој во споредба со 2000:1 што го имаат сегашните модели, значи дека на новиот телевизор ќе бидат забележливи многу подлабоки бои.

Претседателот на компанијата Шарп, Микио Катајама изјави дека се надева оти новиот телевизор ќе биде подготвен за масовно производство до март 2010 година, кога би требало да почне со работа новата фабрика на јапонскиот производител во Сакаи.