Кениската армија соопшти дека се ослободени повеќето од заложниците во луксузниот трговски центар Њестгате во главниот град Најроби, кој беше нападнат во саботата од припадниците на сомалиската исламистичка грипа Ал Шабаб, при што се убиени 68, а ранети се 175 луѓе, пренесува „Макфакс“.

„Повеќето заложници се пуштени, а кениските безбедносни сили ја преземаа контролата над повеќе делови од објектот”, изјавил за телевизијата КТН портпаролот на армијата на Кенија, полковникот Сирус Огуна, пренесува Реутерс.

Со помош на агенти на безбедносните служби на западните земји и израелски командоси кои пристигнаа во Најроби, кениската полиција и армија се обидуваа полека и претпазливо да ги опколат напаѓачите коишто се’ уште се забарикадирани во трговскиот центар кој всушност претставува лавиринт од коридори со најразлични продавници во кои многу лесно може да се крие и да се постави заседа. Израелски безбедносен извор изјавил дека израелските советници помагаат да се заврши кризата.

Како што пренесува АФП, цитирајќи го соопштението на кениската армија на Тњиттер, операцијата е чувствителна поради настојувањата сите заложници н да бидат спасени живи.

Според последните информации што ги соопшти кенискииот претседател Ухуру Кенијата на државната телевизија, станува збор за десет до 15 напаѓачи меѓу кои има и жени, а кои во заложништво држеа најмалку 30 лица.

Во центарот на операцијата бил локал за самопослужување од кој, како што соопштил претставник на Црвениот крст биле извлечени уште девет тела, со што бројката загинати се искачи на 68. Меѓутоа, припадници на екипите за спасување и евакуација рекле дека веруваат дека бројот на жртви е поголем.

Одговорноста за овој напад преку социјалните мрежи ја презема сомалиската исламистичка група Ал Шабаб која соопшти дека нападот е одмазда поради учеството на кениските сили во рамките на операцијата на соседните земји на Сомалија од 2011 година кога исламистите беа протерани од главниот град Могадишу и потиснати кон далечните провинции. Најавија, исто така, и нови напади во Кенија.

Во својот говор претседателот Кенијата изјави дека Кенија нема да ги повлече своите војници од Сомалија и нема да се откаже од „војната против тероризмот”. 

Британскиот премиер Дејвид Камерон потврдувајќи дека во нападот загинале тројца Британци, изјави дека јавноста би требало да „биде подготвена за уште лоши вести”. Американскиот претседател Барак Обама, пак, во разговорот со кенискиот колега изразувајќи му сочувство понудил помош од Вашингтон.

Меѓу странците убиени во саботниот напад, се и две Французинки, мајка и ќерка, двајца дипломати од Канада и од Гана. Смртта на свои државјани ги потврдија и Кина и Холандија, а меѓу ранетите има и државјани на САД.

OhridNews