Извесно е дека брилијантниот музичар, или златниот баритон на Русија, како што многумина го нарекуваат баритонот Дмитри Хворостовски, на 12 јули доаѓа во Македонија за отворањето на најголемата музичко-сценска манифестација кај нас, „Охридско лето“, пренесува „Нова Македонија“.
Од дирекцијата на фестивалот сѐ уште не ја потврдиле официјално оваа информација, бидејќи, како што велат, ништо нема да откриваат до прес-конференцијата кога ќе ја објават целосната програма. Но на веб-страницата на Хворостовски датумот 12 јули е веќе закажан за гостувањето во Македонија, пишува весникот во своето онлајн издание.
Концертот за почетокот на 53. издание на фестивалот на една од најбараните и најплатени оперски ѕвезди на денешницата на публиката ќе ѝ донесе неповторливо и прекрасно искуство, со што и нашата земја ќе се вброи во редот на светските музички центри што биле почестени со неговиот талент и појава, се наведува во сторијата.
Хворостовски редовно настапува по водечките светски оперски центри, како „Метрополитен“ во Њујорк, „Ројал опера хаус“ во Лондон, „Скала“ во Милано, Виенската опера, „Карнеги хол“, Париската опера…
извор:„Нова Македонија“