Од почетокот на годината до Инспекцискиот совет биле пристигнати 64 претставки од граѓани и компании кои по разни основи се жалат на работата на инспекторите, објавија националните медиуми. Најмногу поплаки има за инспекторите од Трудовата и од Пазарната инспекција.
–Поплаки најмногу има за несоодветно, некултурно или неправилно постапување на инспекторите. Претставките не значaт дека секогаш има инспекциска повреда. Секој кој ќе биде казнет, на некој начин сака да се пожали некаде, но имаме и доста случаи кога жалбата е оправдана, изјави претседателот на Инспекцискиот совет Ванчо Каргов.
Тој најави и нов систем за оценување на работата на инспекторите кои ќе се оценуваат квартално со цел да се подобри квалитетот на инспекцискиот надзор.
Минатата година од страна на инспекциските служби извршени се над 200 илјади инспекциски надзори од кои најголем дел инспекции спровеле трудовите и пазарните инспекции и инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство и од Инспекторатот за земјоделство. Донесени се 41 илјада инспекциски мерки од кои најголем дел се решенија за отстранување на неправилностите, 1,5 илјада мандатни казнувања, 3,2 илјади покани за плаќање глоба, 3,6 прекршочни и 45 кривични пријави.
OhridNews