Пол Рае од Хумшоу, на североистокот од Англија, тврдел дека една од неговите кокошки го снела досега најмалото јајце на светот. Со тежина од само пет грама, висина од едвај 2,5 сантиметри, и ширина од два сантиметри, Пол јајцето го ставил во џебот веднаш штом го здогледал, и отишол да им се пофали на пријателите во локалниот паб.
Го советувале да се јави во Гинисовата Книга на рекорди, во која како моментален рекордер стоело јајце со тежина од 7,3 грама. Инаку, Пол своевремено работел како готвач на нафтена платформа, а во изминативе неколку години, заедно со сопругата, се вселил во англиското гратче одгледувајќи домашни животни и изнајмувајќи соби на туристи кои сакале селски туризам. За своите кокошки рекол дека се сосема нормални и дека досега неселе потполно вообичаени јајца.