Најмалку девет луѓе загинаа денес во три експлозии подметнати во ирачката престолнина Багдад, соопштија полициски и болнички извори.
Една од експлозиите, во којашто загинале пет припадници на безбедносните сили и еден цивил, била подметната во предградието Тармија, на 25 километри северно од Багдад. Според извори на агенцијата Реутерс, бомбаш самоубиец активирал експлозивна направа на контролен пункт на ирачката полиција.
Уште две лица се убиени и шест се ранети во експлозија во северозападниот дел од ирачката престолнина. Третата експлозија одекнала во предградието Нахраван на југоисток од Багдад, во која загинало едно лице, а шест други бил ранети.
Засега ниедна од терористичките групации не ја презема одговорноста за последните напади во Багдад, но досега зад нив стоеја сунитските екстремни групации блиски со Исламската држава, кои ги напаѓаат мнозинските шиити, умерените сунити, христијаните, Курдите и етноконфесионална курдска група Јазиди.
Во секташките насилства во октомври, според податоците на Мисијата за помош на Ирак на ОН загинале 714 луѓе, од кои 559 се цивили а 155 се припадници на ирачките безбедносни сили, вклучително и на милицијата на ирачките Курди – Пешмерга. Минатиот месец, исто така, во Ирак биле ранети во терористички напади повеќе од илјада луѓе.
OhridNews