Американската интернет компанија „Yahoo!“ синоќа објави дека 500 милиони адреси на нејзините корисници кон крајот на 2014 година биле хакирани веројатно од организација којашто е поврзана со некоја држава, пренесува „Макфакс“.
Хакерите украле лични податоци, како што се датуми на раѓање, имиња, електронски адреси, броеви на телефони и лозини, се наведува во соопштението на „Yahoo!“. Банкарските податоци не биле зафатени, тврдат од компанијата, и наведуваат дека тесно соработуваат со американските власти надлежни за кибернетичкиот криминал.
„Со истрагата не е пронајден ниеден елемент кој покажува дека таа организација е во моментов присутна во информатичкиот систем на Yahoo!“, се додава. Меѓутоа, не се наведува името на организацијата, ниту на земјата која е осомничена за хакерскиот напад.
Компанијата вели и дека ги контактирала загрозените корисници. Им препорачуваат на корисниците кои не ги менувале лозинките од 2014 година да го сторат тоа што поскоро. Корисниците се повикани и да ги анализираат своите сметки и да утврдат евентуални сомнителни активности.
Од „Yahoo!“, исто така, им препорачуваат на корисниците да не отвораат, ниту да ги вчитуваат прилозите кои доаѓаат од сомнителни електронски адреси и повикуваат на претпазливост пред кое и да е барање на лични податоци.
Компанијата потсетува и дека во последно време зачестени се нападите во информатичките системи на технолошките групи кои ги изведуваат организацијата со поддршка од државата.
OhridNews
извор:„Макфакс“