Најмалку 40 лица загинаа, а 33 се повредени  изутрината, во две одделни експлозии, на станици за подземната железница во центарот на Москва.


Првата експлозија се случила на станицата Љубљанка, која се наоѓа во непосредна близина на седиштето на Федералната служба за безбедност. Бомбата експлодирала во вториот вагон од возот кој во тие моменти стоел на станицата, при што загинале 25 лица, а 11 се ранети. Втората експлозија се случила на станицата на Парк на културата во третиот вагон од возот, при што  загинале 15 лица, а 12 биле ранети.


Нема сомневање дека експлозиите во Москва се терористички чин, изјави московскиот обвинител Јури Семин, додека агенцијата Риа Новости соопшти дека бомбите ги активирале жени самоубијци.

Засега ниту една организација не ја презеде одговорноста  за нападот, но руските власти се сомневаат дека станува збор за чеченски терористи. Според последните информации, бројот на загинати во двете експлозии во московското метро, се искачи на 40, додека 33 лица се повредени.

OhridNews
Извор:”Макфакс”