Најмалку 40 лица се повредени ноќта во неделата во јужниот дел на Франција, како резултат на масовна паника предизвикана од експлозии на петарди. Инцидентот се случил вчеравечер во гратчето Жуан-ле-Пен во општината Антиб. Непознати лица фрлиле неколку петарди од автомобил, меѓу мноштво случајни минувачи кои по експлозиите помислиле дека станува збор за терористички напад.
„Настана општа паника, жените плачеа, други се онесвестија, сите лежеа со главите под масите. Луѓето од улица влегуваа за да се сокријат во тоалетите или зад шанкот, врескаа ’Ова е напад, ова е напад’, рекол за радиото сопственик на ресторан.
Помош на настраданите им пружиле пожарникарите кои дошле на местото на настанот. Полицијата сега ги проучува фотографиите и снимките од надзорните камери за да ги идентификува виновниците за овој инцидент.
Од крајот на минатата година во Франција е на сила вонредната состојба откако на 13-ти ноември во џихадистичките напади во Париз беа убиени 130 лица. Властите уште еднаш ја продолжија вонредната состојба по следниот голем терористички напад, откако на 14-ти јули во Ница со камион беа масакрирани 84 луѓе.
OhridNews
извор Макфакс