Најмалку 200 лица загинаа, а повеќе од 100 се повредени при експлозијата на камион цистерна полн со бензин, во источниот дел на Демократска Република Конго, соопштија властите провинцијата Јужен Киву, јавува „Макфакс“.

Цистерната дошла од Танзанија и синоќа се превртела во селото Санге, по што истеченото гориво се запалило и огнот го зафатил целото село, пренесе Ројтерс.

Трагичниот, засега привремен биланс, е повеќе од 200 загинати, изјави портпаролот на провинциското управителство на Јужен Киву, Венсан Кабанга. Меѓу жртвите има многу деца, додаде тој.

Селото Санге се наоѓа на околу 70 километри од главниот град на покраината Букаву, недалеку од границата со Бурунди.

OhridNews
извор: „Макфакс“