Бројот на жртвите во пожарите во американската сојузна држава Тенеси се зголеми на десет лица, објави локалната телевизија WBIR-TV повикувајќи се на локалните власти ноќта кон петокот по средноевропско време, пренесува „Макфакс“.

Претходно властите соопштија за седум жртви. Уште три тела биле пронајдени во четвртокот вечерта во округот Севи, а идентитетот на загинатите уште не е утврден, изјавил шефот на округот Лари Вејтерс.

Спасувачката операција полека привршува, откако властите го пребарале поголемиот дел од територијата зафатена со стихијата. Некои од евакуираните жители уште во петокот ќе може да се вратат во своите домови. Другите ќе мора да почекаат операцијата за проверка на теренот да заврши и да биде сосема исклучена опасноста од електрични удари.

Според локалните власти, 74 лица поради последици од пожарот побарале медицинска помош, а повеќе од 700 објекти се оштетени.

Последните неколку седмици пожари беснеат во сојузните држави Тенеси, Џорџија и Северна Каролина. Причината е сушата која ги погоди јужните држави на САД. Според процените на експертите, количествата врнежи последните денови нема да бидат доволни за да се сопре стихијата.

Гувернерот на Тенеси, Бил Хеслем, изјави дека овие природни пожари се најголемите на територијата на државата во последните сто години.

OhridNews
извор: „Макфакс“