Оваа година ќе биде распишана концесија за патниот правец од Гостивар до Кичево. Очекувам тоа да се случи во текот на март или најдоцна во април, со тоа ќе се затвори целокупниот Коридор 8 од Скопје до Охрид на ниво на автопат. Ова го најави денеска министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
Тој рече дека ќе биде објавена концесија за делницата од Скопје до Блаце, која е многу значајна, бидејќи со тоа Република Македонија ќе се поврзе со Република Косово. Најави дека во март ќе почне градбата на 50-тина локални патни правци кои, како што рече, се многу значајни за развој на локалната инфраструктура во земјава.
„Ќе започнеме со изградба на осум регионални патни правци, кои ќе бидат финансирани со средства од ЕБР и Свестка банка. Веќе е доставена целокупната документација до Светската банка и очекуваме нивна потврда“, рече Јанакиески и додаде дека ќе почне изградба на патниот правец од Градско до Прилеп, кој е многу значаен за тој регион.
Министерот Јанакиески очекува годинава да почнеме и изградбата на магистралниот гасовод од Клечовце до Штип.
„Веќе имаме и понуди за изградба на дистрибутивната мрежа во сите три региони во Република Македонија. Имаме голем број проекти, сигурно ќе продолжи изградбата на пругата кон Бугарија и очекувам во март да почне изградбата на пругата од Битола до Кременица со крак до индустриската зона Жабени“, рече Јанакиески.
OhridNews
Извор „МИА“