Повеќе од седум секунди траела најдолготрајната молња откако постојат ваквите мерења, а го осветлила небото над Франција на 30-ти август 2012 година, додека најголемата според должината се протегала 300 километри и е регистрирана во американската сојузна држава Оклахома на 20-ти јуни 2007 година објави Светската метеоролошка организација (СМО – WMO), пренесува „Макфакс“.

Според оваа специјализирана агенција на Обединетите нации, блесокот на молњата во Оклахома во 2007 година опфатил растојание од 321 километар (199,5 милји), односно три четвртини од оваа сојузна држава.

Молњата во францускиот јужен регион Прованса – Алпи – Азурен брег траела седум секунди и 74 стотинки, а оваа молња патувала хоризонтално 200 километри. „Тоа беше празнење меѓу два облака“, вели експертот на WMO, Рендал Карвени. Во текот на бурите молњата може да се појави меѓу облаците, меѓу облак и воздухот и меѓу облак и почвата.

Од WMO истакнуваат дека молњите „првпат се внесени во официјалната архива на екстремните метеоролошки и климатски појави, со поддршка од страна на Комисијата на WMO за климатологија“. Во неа се регистрираат и рекордните вредности на горештините, студот, брзините на ветрот, обемот на врнежите на дожд и снег и други временски феномени.

Како што истакна во врска со презентацијата на податоците генералниот секретар на WMO, Петери Таалас, „молњите претставуваат голема природна опасност, којашто секоја година однесува многу човечки животи“. Подобрувањата на мониторингот на ваквите екстремни појави „ќе помогне да се подобри безбедноста на населението“, уверен Таалас.

Одредувањето на најдолгата и најдолготрајната молња сега е овозможено благодарејќи на суштествениот напредок во техниките на далечинските проучувања на електричните празнења во атмосферата, појаснуваат од WMO.

Во експертската комисија на WMO којашто ги одредувала параметрите на „рекордните“ молњи, работеле стручњаци од САД, Франција, Шпанија, Кина, Мароко, Аргентина и Велика Британија. Тие не само што ги одредиле „рекордерите“, туку и предложиле ново редактирање на поимот „молскавично празнење“. Сега тие ова појава ја опишуваат како „серија електрични процеси, кои произлегуваат последователно“, додека претходно беа фокусирани на краткиот опсег на постоењето на молњата, кое вообичаено не е подолго од секунда.

Од WMO, исто така, истакнуваат дека официјалното регистрирање на најголемите вредности, кои се однесуваат на молњите, зборува за „континуираното подобрување на системот за регионално следење на молњите, како и мерните инструменти“.

OhridNews