Под мотото „Од децата за децата“ на 31.05.2015 год. ( недела) во Центарот за култура „Григор Прличев“ – Охрид , со почеток од 12 часот, ќе настапи хорот „Златно славејче“.
Најмалите охриѓанчиња ќе имаат ретка прилика да се забавуваат со најновите детски хитчиња. Со секој купен билет од 100 денари пак ќе добијат и ЦД со најдобрата детска музика и сокче. Картите од денес може да се набават на билетарата на Центарот за култура.
Караванот концерти на реномираниот фестивал „Златно славејче“ се оддржува низ повеќе општини во државава а организатор е СТ- продукцијата од Скопје. Оттаму додаваат дека „Златно славејче“, како најреномираниот фестивал со традиција долга 45 години, со ваквиот начин, кој за прв пат се организира, ќе стане поблизок и за децата кои се од другите градови.
-СТ продукција како продукција која го застапува брендот „Златно славејче“, во согласност со Советот за грижи и воспитување на децата на град Скопје, реши да го организира овој караван низ повеќе градови низ Македонија се со цел детската песна и радост да ја почуствуваат што повеќе деца, велат организаторите.
Концертот има хуманитарен карактер а дел од собраните средства ќе бидат наменети за подобрување на условите за работа каде децата ги оддржуваат пробите.
OhridNews