Репрезентаците кои играа во натпреварот за 11 – то место, Македонија и Јужна Кореа се најпријатните изненадувања на Мундијалот. Малкумина пред почетокот на првенството веруваа, дека во групата во која се најдовме заедно со силните екипи на Русија, Германија, Полска, Тунис и Алжир ќе успееме да избориме пласман во главната рунда.


Но по победите над Русија, Полска и Алжир нашите ракометари покажаа за колкав талент станува збор и колкава е желбата за пласман во вториот круг во Задар. Нашиот состав беше предводен од најдобриот стрелец на сите времиња и еден од најсериозните кандидати за место во идеалната постава во првенстовото  Кире Лазаров. Тој на девете одиграни натпревари на првенството успеа да постигне 92 голови, што претставува извонреден просек од 10 гола по натпревар.


– Секако дека сум среќен и горд поради своите игри на СП, но поважно од тоа е дека ја претставивме Македонија во едно многу убаво светло. Секако дека сега од нас се бара и повеќе од што објективно можеме, но тоа е секогаш така.


Кире Лазаров е горд и на македонските навивачи кои се покажаа во одлично светло и го понесоа епитетот најдобри гостински навивачи на првенството:

– Среќен сум и поради навивачите тие се навистина одлични и не следеа и бодреа во секој момент. Знам дека во Македонија беше еуфорија, цела држава се крена на нозе, а драго ми е и поради Хрватска, која имаше можност малку подобро да ги запознае Македонците.Сега кога на лето ќе се размислува каде да се мине летниот одмор, на море во Грција, Турција или Хрватска, мислам дека нема да има недоумици..

 

И покрај тоа што претставува движечка сила на нашата репрезентација Кире Лазаров во продолжението на интервјуто дадено за официјалниот сајт на Светското ракометно првенство, не заборави да упати пофални зборови за своите колеги од репрезентативниот состав:

– Задоволен сум, горд сум и среќен што успеав да поставам нов светски рекорд по бројот на постигнати голови, но морам да им се заблагодарам на своите соиграчи, тие придонесоа за соборување на рекордот, бидејќи без нивна помош тоа немаше да ми успее. Исто така особено ми е драго што никој не успеа да не декласира. Загубивме некои мечеви, но никој не не прегази, игравме рамноправно со сите и тоа е она што ни причинува задоволство. Бевме рамноправни со Полска, Германија, Данска, Норвешка, со сите. Сега за нас е најважно таквите игри да ни станат континуитет и да бидеме редовно на големите натпреварувања. Покажавме карактер на оваа СП и тоа многу ме радува.


Лазаров во финалето на ова СП ги гледа Хрватска и Франција.

– Хрватска и Франција се репрезентациите кои на ова наптреварување покажаа најмногу. Се надевам дека во финалето ќе победи Хрватска па тогаш при доделувањето на медалите , со обзир на тоа дека јас ќе бидат таму за доделување на титулата најдобар стрелец, би застанал до хрватските ракометари и би ја запеал популарната “Морска вила“.

ohridnews