– Не случајно се добива натпревар да им се суди на англиски екипи или во Англија. Англичаните живеат за фудбалот. Цели церомонии има додека започне мечот едноставно на островот уживаат во фудбалот. Со моите судии колеги сме имале можност да им судиме на повеќе европски фудбалски гиганти, но таа бучавост и посветеност на клубот ја нема никаде освен во Англија – потенцираше Ставрев.
Македонија во фудбалска Европа остана со двајца преставници. Едниот е Даниел Георгиевски, кој поради повреда долго време не е на терените додека вториот е македонскиот судија Ставрев.
– Чувството да се преставува Македонија во фудбалска Европа е убаво, но е доста одговорно. Покрај земјата на фудбалските натпревари ние се преставуваме самите себеси, Судиската организација на Македонија и секако сите фудбалски судии во нашата држава – рече Ставрев.
Во младите години примарен спорт на Ставрев било скијањето, но по запишувањето на студии во недостиг на време скопјанецот се решил за судењето и по резултатите постигнати до сега, тој воопшто не погрешил.
– Мојата судиска кариера почна сосема случајно на 17-18 години. Мојот професионален спорт е скијањето, но по запишување на факултет немав толку време да се бавам со тој спорт и му се посветив на судењето. За што до ден денес сум пресреќен што го направив тој избор – посочи Ставрев.
Притисокот врз судиите во денешно време е голем. Затоа европската куќа на фудбалот воведе правило натпреварите за кои се делегирани да ги дознаваат на неколку дена пред почетокот. Ставрев пред мечот нема некој посебен ритуал едноставно ужива во делењето на правдата.
– Немам некој посебен ритуал пред да започне натпреварот. Пред секое излегување на мечот со петте судии ја креваме самодовербата и тоа еден вид психолошки ритуал. Кога ќе го дознаеме натпреварот за кој сме делегирани како судии. Ние ги користиме сите расположливи средства да се информираме за екипите, играчите и тренерите. Никогаш не се подготвуваме стриктно за еден фудбалер, но сите сме фокусирани максимално да можеме да избегнеме несаканите грешки или да оштетиме ненамерно некоја екипа – рече Ставрев.
Ставрев посакува, но не се преоптаварува да биде дел од едно големо натпреварување како Европско или Светско првенство. Тој на прво место ја става работата на тренинзите, судењето во домашното првенство, а потоа да се достигне крајната цел за еден фудбалски судија.
– Јас со моите судиски колеги тренираме и работиме напорно да го одржуваме ова високо ниво. Најдобро е за секој судија кога има некоја цел и сака да ја достигне. Сакам да бидам дел од таков настан, но не се преоптаварувам со тоа за учество на некое големо натпреварување – заврши Ставрев.