Доколку патот ве однесе во Сан Себастијан, баскискиот дел на Шпанија, задолжително свратете во ресторанот „Арзак“, бидејќи шефицата на кујната и гордата сопственичка Елена Арзак од пред неколку дена официјално е најдобриот готвач на светот. Едно од најугледните светски кулинарски списанија „Ресторан“, и ја доделило оваа ласкава титула во острата конкуренција која ја сочинувале стотина готвачи од целиот свет.

Елена има 43 години и припаѓа на четвртата генерација од познатото семејство баскиски готвачи. Нејзиниот татко патентирал едно од познатите предјадења, Арзаково јајце, а овој семеен ресторан веќе со години се наоѓа во сите важни светски кулинарски водичи.