Играчот од средниот ред на Милан, бразилецот Кака открива многу непознати детали за приватниот живот. Зборувајќи за длабоките религиозни чувства, Кака вели дека по завршувањето на фудбалската кариера би сакал да стане евангелистички свештеник.

„Многу сакам тоа да ми се оствари. Секако до тоа се стигнува со многу напори:потребно е да се студира теологија, да си поставиш завет, совршено да се познава Библијата. Евангелистичкиот пастор ја чита Библијата и ги толкува нејзините пораки“изјавил Кака.


Сака да стане свештеник – Кака

Зборувајќи за својата верска пракса открива дека со сопругата се венчал по долг период на запознавање, а тој, како и сопругата влегле во брак невини.

Евангелистички католик, Кака станал на 12-годишна возраст, а сосема се посветил на евангелизмот на 18 години, откако за малку ќе се удавел во базен. „Во 2000-та година за малку ќе се удавев во базен. Го повредив вратот и го скршив шестиот пршлен. Среќен сум што останав жив“.

Кака вели дека сосема е свесен за своите квалитети. „Знам дека сум меѓу најдобрите фудбалери на светот, но мислам дека уште можам да напредувам. Талентот за играње фудбал е божји дар. Човек со него се раѓа. Но ние фудбалерите по тоа не сме посебни. Исто е и со музичарите, сликарите или новинарите. Секако талентот треба да се применува за да се развива, значи треба да се работи“.

Зборувајќи за тоа во кои градови би сакал да живее и  за кои клубови да игра, вели дека не би одел во Мадрид бидејќи таму нема море. „Секогаш сум играл во тимови кои се бореле за титула, како во Сао Паоло така и сега во Милан. Претпоставувам дека би можел да одам само во Шпанија или Англија. Би рекол дека животот во Лондон е многу добар, во Барселона веќе има доволно шоу, а Мадрид…Мадрид нема море. Значи, можеби сепак Лондон“.

Ј.М.